Поскапувањето на пластичните кеси ќе има позитивно влијание на долг рок врз намалувањето на отпад од пластика, велат од Еко-свест

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ изразува поддршка за одлуката за зголемување на цената на кесите во маркетите што стапи во сила од денеска на што се гледа како прв чекот во борбата со пластичното загадување.

Притоа апелираат до трговците да стимулираат користење на торби за повеќекратна употреба или хартиени кеси, но изразуваат и надеж дека во иднина ќе се забрани употребата и на останатите пластични производи за еднократна употреба како чаши, прибор за јадење и цевки.

Ја поддржуваме одлуката за преземање на мерки за да се намали употребата на пластични кеси и очекуваме таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика.

Исто така, со ваквата одлука, очекуваме да се овозможи и натамошен развој на циркуларната економија, со што ќе се стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде соодветна инфраструктура за тоа, истакна извршната директорка на „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Од „Еко-свест“ нагласуваат дека доколку Македонија има аспирации за членство во Европската Унија, тогаш ќе мора да ги спроведува европските директиви и стандарди во однос на справување со пластичен отпад. ИзворНОВАТВ.